ПРВ.мк
Спорт

Борец Јуниор покажа дека Велес има фудбалска иднина – Матео Андов најдобар на турнирот

Борец Јуниор покажа дека Велес има фудбалска иднина – Матео Андов најдобар на турнирот

Младите фудбалери на Борец Јуниор оставија одличен впечаток на „Илинден куп 2026“, еден од најмасовните младински фудбалски турнири во Македонија. Велешкиот клуб настапи со четири генерации – 2015, 2016, 2018 и 2019.

Генерациите 2016, 2018 и 2019 беа блиску до пласман во нокаут-фазата, додека најголемиот успех го постигна генерацијата 2015, која го освои првото место во својата група без ниту еден пораз.

Одличната серија продолжи и во елиминациите. Во осминафиналето Борец Јуниор го совлада Кул Скопје, а во четвртфиналето по изведување пенали беше подобар од домаќинот Гроздановски. Во полуфиналето велешките надежи славеа со 2:1 против Војводина и обезбедија место во големото финале.

Таму за противник го имаа ФК Парк, актуелниот македонски првак во генерацијата 2015. Борец Јуниор во самиот финиш прими гол, по што победникот мораше да биде решен преку пенали. Во пенал-серијата ФК Парк славеше со 3:2.

И покрај тоа што трофејот им побегна за малку, велешани го завршија турнирот со голем индивидуален успех. Матео Андов беше прогласен за најдобар играч на турнирот, што претставува значајно признание и за него и за целата генерација на Борец Јуниор.

Тренерот Маријан Јаковлевски изрази големо задоволство од настапот на сите четири генерации, посебно истакнувајќи го патот на генерацијата 2015 до финалето без пораз и признанието што го освои Андов.

Од Борец Јуниор се надеваат дека младите фудбалери ќе продолжат со својот развој и во иднина со своите настапи ќе ги претставуваат Велес и името на Борец.