ПРВ.мк
Спорт

Нова афера го тресе европскиот фудбал – Мајкл Олисе во центарот на приватен скандал

Нова афера го тресе европскиот фудбал – Мајкл Олисе во центарот на приватен скандал

Фудбалерот на Баерн Минхен и француски репрезентативец Мајкл Олисе повторно е во центарот на вниманието, но овојпат поради неговиот приватен живот. Германскиот „Билд“, а потоа и шпанска „Марка“, објавија интервју со Фатима Зонбришер, која тврди дека има ќерка со 24-годишниот фудбалер.

Според нејзината изјава, двајцата започнале врска во 2022 година, додека Олисе настапувал за Кристал Палас. Таа тврди дека по нивното разделување дознала дека е бремена, а подоцна, како што наведува, бил направен тест за татковство кој покажал дека фудбалерот е татко на девојчето.

Зонбришер тврди дека по добивањето на резултатите, Олисе престанал директно да комуницира со неа и со детето, а контактите се одвивале исклучиво преку адвокати. Таа исто така наведува дека не добила договорена алиментација и дека фудбалерот не покажува интерес активно да учествува во животот на нивната ќерка.

Од друга страна, правниот тим на Олисе категорично ги отфрла овие обвинувања. Според адвокатите, фудбалерот од самиот почеток бил подготвен финансиски да го поддржува детето и се залагал случајот да биде решен со договор меѓу двете страни.

Тие истовремено тврдат дека во судската постапка мајката побарала 60.000 евра месечна издршка, сума што ја оценуваат како неоснована.

Случајот сè уште нема судска разрешница, а засега во јавноста се изнесени спротивставени тврдења од двете страни, без конечна одлука од надлежните институции.