Турската фудбалска репрезентација со голема самодоверба го очекува стартот на Светското првенство 2026, а капитенот Хакан Чалханоглу испрати јасна порака пред првиот натпревар против Австралија.
Искусниот играч за врска истакна дека Турција има поквалитетен и поталентиран состав и очекува неговата селекција да ја контролира играта во текот на целиот натпревар. Сепак, предупреди дека Австралија е физички силен противник кој може да биде опасен особено од прекини и воздушни дуели.
„Го анализиравме противникот и знаеме што да очекуваме. Тие имаат силни и високи играчи, но верувам дека ќе доминираме на теренот бидејќи располагаме со повеќе квалитет и талент. Подготвени сме за предизвикот“, изјави Чалханоглу.
За Турција ова е историски момент, бидејќи репрезентацијата повторно ќе настапи на Светско првенство по пауза од 24 години. Последниот настап на Мундијалот беше во 2002 година, кога Турците го освоија третото место и го постигнаа најголемиот успех во својата историја.
Чалханоглу призна дека притисокот е голем, но нагласи дека играчите се подготвени да се справат со очекувањата на навивачите. Според него, настапот на Светско првенство е сон за секој фудбалер и токму затоа тимот сака максимално да ужива во моментот, но и да ја претстави државата на најдобар можен начин.
Турција ќе го отвори настапот во групата Д со дуел против Австралија, а во турскиот табор владее оптимизам дека оваа генерација може да остави силен впечаток на најголемата светска фудбалска сцена.










