
Реал Мадрид е на чекор до реализирање на еден од најголемите трансфери ова лето, откако постигнал начелен договор со Лајпциг за ангажманот на Јан Диоманде, пренесуваат повеќе реномирани европски медиуми.
Според информациите, двете страни за време на викендот постигнале устмен договор, а официјалната понуда од „кралскиот клуб“ се очекува да биде испратена во понеделник. Таа ќе изнесува вкупно 120 милиони евра, вклучувајќи ги и бонусите, сума што во Лајпциг се подготвени да ја прифатат.
Токму високата понуда од Реал Мадрид била клучната причина Пари Сен Жермен постепено да се повлече од трката за потписот на репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска. Иако францускиот шампион со недели важеше за главен фаворит, мадридскиот клуб успеал да ја преземе иницијативата и сега е многу блиску до финализирање на трансферот.
Диоманде зад себе има извонредна сезона во дресот на Лајпциг, во која на 46 натпревари постигна 15 голови и забележа 11 асистенции. Одличните настапи ги продолжи и на Светското првенство, каде беше стартер на сите четири натпревари на Брегот на Слоновата Коска и запиша една асистенција.
Доколку трансферот биде официјализиран, Диоманде ќе стане првото офанзивно засилување на Реал Мадрид ова лето. Претходно, клубот веќе ги доведе Марк Кукуреља од Челси, Дензел Дамфрис од Интер, Ибрахима Конате од Ливерпул и Бернардо Силва од Манчестер Сити.
Овој трансфер дополнително ја отвора дилемата околу иднината на Винисиус Жуниор. Бразилецот со месеци не успева да постигне договор со Реал Мадрид за продолжување на соработката, а актуелниот договор му истекува на крајот од сезоната. Поради тоа, сè погласни се шпекулациите дека „кралскиот клуб“ би можел да ја разгледа можноста за негова продажба доколку пристигне понуда што нема да може да ја одбие.
Токму евентуалното доаѓање на Диоманде би можело да биде јасен сигнал дека Реал Мадрид веќе се подготвува за можни промени во офанзивната линија. Со оглед на неизвесноста околу иднината на Винисиус и огромниот интерес што владее за неговите услуги, шпанскиот гигант очигледно не сака да ризикува и навреме обезбедува врвна алтернатива за крилните позиции.









