Соединетите Американски Држави подготвуваат огромна безбедносна операција за финалниот натпревар на Светското првенство, каде што се очекува присуство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во финалето, кое ќе се одигра на стадионот „МетЛајф“, ќе се сретнат репрезентациите на Шпанија и Аргентина, а според најавите, претседателот на САД треба лично да му го врачи трофејот на победникот.
Поради присуството на Трамп, настанот добил највисок безбедносен рејтинг – Ниво 1, што значи дека ќе бидат активирани најстрогите мерки кои ги применуваат американските служби за заштита на најважни настани.
Според информациите, во обезбедувањето ќе бидат вклучени различни федерални агенции, меѓу кои и ФБИ, а на терен ќе бидат распоредени илјадници агенти. Дополнително, специјални тимови ќе обезбедуваат клучни позиции околу стадионот, вклучувајќи и снајперски единици на покривите.
Како дел од безбедносниот план, се најавува и ангажирање на борбени авиони Ф-16 кои би обезбедувале контрола на воздушниот простор и зона со ограничено летање над стадионот.
„Ова е исклучително голем настан. Искрено, ова е поголем предизвик и од Супербоул. Работиме со голем број федерални институции за да обезбедиме сè да помине безбедно“, изјави Ендру Џулијани, кој ја предводи работната група за Светското првенство во Белата куќа.
Организаторите и безбедносните служби велат дека целта е финалето да помине без проблеми, додека навивачите да уживаат во најголемиот фудбалски настан без нарушувања.










