Огромниот интерес за финалето на Светското првенство меѓу Аргентина и Шпанија предизвика вистинска експлозија на цените на билетите, кои во изминатите денови достигнаа рекордни износи.
Според податоците од платформите за продажба и препродажба на билети, најевтиниот билет моментално чини околу 7.400 евра, и тоа за места во најгорните делови на трибините на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси.
За седишта покрај самиот терен, цените достигнуваат и до 61.000 евра, додека пред само неколку дена најевтините билети можеа да се набават за околу 2.000 евра.
Билетите сè уште се достапни преку официјалниот систем на ФИФА, како и преку официјалната платформа за препродажба, а во понуда има и ограничен број ВИП пакети. Дел од најексклузивните пакети веќе се распродадени, додека пакетот „Champions Club“ сè уште може да се купи по цена од околу 20.000 долари.
Во меѓувреме, на интернет-платформи за препродажба се појавија и огласи во кои четири билети за финалето се нудат за дури 40.000 долари.
Сè укажува дека пресметката меѓу Аргентина и Шпанија ќе биде еден од најскапите спортски настани во годината кога станува збор за цените на билетите.









