Англиска фудбалска репрезентација се соочи со сериозен инцидент непосредно пред почетокот на Светското првенство 2026, откако дел од нивната спортска опрема бил украден за време на транспортот кон Канзас Сити.
Според информациите, возилата кои ја превезувале опремата биле ограбени пред да пристигнат во тренинг-базата на тимот. Меѓу украдените предмети се наоѓаат копачки, топки и друга тренинг-опрема, што предизвика дополнителни проблеми во подготовките на селекцијата.
Инцидентот се случил неколку дена пред првиот натпревар на Англија на турнирот, што дополнително ја зголемува нервозата во тимот на селекторот Томас Тухел.
Локалната полиција веднаш реагирала и започнала истрага, при што биле уапсени две лица под сомнение дека се поврзани со кражбата. Се утврдува што точно недостасува и колкава е материјалната штета.
Иако засега нема информации дека подготовките се целосно нарушени, инцидентот предизвика сериозна загриженост во таборот на Англија во пресрет на натпреварот против Хрватска.
Истрагата продолжува, а се очекуваат нови детали во наредните денови.









