Градскиот стадион во Кавадарци доби нов изглед покрај теренот, откако Фудбалска федерација на Македонија донираше нови, современи клупи и боксови за резервните играчи.
Донацијата беше реализирана под водство на претседателот Масар Омерагиќ, а од ОФС Кавадарци јавно упатија благодарност за поддршката.
Во нивната објава истакнаа дека со оваа донација, Градскиот стадион и ГФК Тиквеш добиле модерни услови кои значително го подобруваат амбиентот за натпреварување.

Ако се земе предвид во каква состојба беа претходните клупи покрај теренот, овој потег се оценува како сериозен чекор напред за локалниот фудбал. Новата опрема не само што придонесува за подобра функционалност, туку и визуелно го разубавува стадионот.
Од кавадаречкиот фудбалски сојуз порачаа дека ваквата соработка е доказ дека со заеднички ангажман може да се подобрат условите за спорт и развој на младите категории.
Поддршката од федерацијата доаѓа во период кога клубот и градот се стремат кон унапредување на инфраструктурата и создавање подобри услови за играчите и навивачите.

















