Француската фудбалска ѕвезда Килијан Мбапе се најде во центарот на меѓународна контроверзија откако на социјалните мрежи се прошири видеоснимка на која зборува за интернет-шега поврзана со поранешниот кинески лидер Мао Це Тунг.
Снимката, објавена од шпанскиот медиум „El Chiringuito TV“, предизвика бурни реакции во Кина, а според објавените информации, неколку кинески компании ја прекинале соработката со фудбалерот на Реал Мадрид.
Што точно кажал Мбапе?
На прашањето кој интернет-мем со неговиот лик најмногу го насмеал, Мбапе одговорил:
„Има многу. Најмногу ме насмеа оној кога ставија видео од некој човек, мислам дека беше кинески диктатор, и на него го ставија мојот лик. Тој мем често го користам со пријателите на интернет, на PlayStation.“
Иако францускиот репрезентативец не го спомнал директно Мао Це Тунг, неговата изјава била поврзана со фотомонтажа на поранешниот кинески лидер.
Кина реагираше, Мбапе се извини
Според хрватскиот портал Gol.hr, реакциите биле толку силни што кинеската државна телевизија ги прекинала преносите на шпанското фудбалско првенство.
Реагирала и Ла Лига, изразувајќи жалење поради навредата што ја почувствувале кинеските навивачи.
Мбапе во меѓувреме јавно се извинил, признавајќи дека неговата изјава била непромислена.
Тој нагласил дека го почитува кинескиот народ и неговата историја и дека немал намера никого да навреди.
Сепак, според објавените информации, останува неизвесно дали извинувањето ќе биде доволно за да се надминат последиците од контроверзијата.
Видео:










