Изградбата на новиот спортско-рекреативен центар во Радишани – Горна Зона влегува во својата завршна фаза. Станува збор за првиот од трите нови спортски комплекси што се реализираат на територијата на Општина Бутел, на површина поголема од 2.000 квадратни метри.
Новиот центар ќе понуди современи услови за спорт, рекреација и слободни активности за жителите од сите возрасти. Во рамки на проектот е изградено модерно фудбалско игралиште со вештачка трева, нова заштитна ограда и ЛЕД осветлување, што ќе овозможи користење и во вечерните часови.

Предвидени се и нови трибини со седишта за посетителите, како и баскет игралиште со специјална спортска подлога. Дополнително, постојното детско игралиште е реконструирано и проширено со нови содржини за најмладите.
Комплексот ќе располага и со фитнес зона на отворено, наменета за рекреација и вежбање, како и со нова урбана опрема која ќе го подобри изгледот и функционалноста на целиот простор.

Од Општина Бутел велат дека ваквите проекти се дел од заложбите за создавање модерна и урбана средина, со повеќе можности за спорт, дружење и здрав живот за сите граѓани.












