ПРВ.мк
Скопје

ВОЗАЧИТЕ ДА БИДАТ ВНИМАТЕЛНИ: Посебен режим на сообраќај во Скопје од денес до 23 јули!

ВОЗАЧИТЕ ДА БИДАТ ВНИМАТЕЛНИ: Посебен режим на сообраќај во Скопје од денес до 23 јули!

Од денеска, 20 јули, па сè до 23 јули, во Скопје ќе важи посебен режим на сообраќај поради официјалната посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, информира Министерството за внатрешни работи.

Поради престојот на високата државна делегација, Секторот за внатрешни работи Скопје, преку Единицата за безбедност на патниот сообраќај, ќе воведе привремени ограничувања и посебна организација на движењето на возилата на повеќе сообраќајници во поширокото централно градско подрачје.

Од МВР посочуваат дека ваквите мерки се преземаат со цел официјалната посета да помине во најдобар ред, со максимална безбедност и непречено одвивање на сите предвидени активности.

Воедно, од Министерството апелираат до сите возачи и останати учесници во сообраќајот да бидат трпеливи, да ја прилагодат својата маршрута доколку е потребно и строго да ги почитуваат насоките и наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници на терен.

Граѓаните се повикуваат да сметаат на можни краткотрајни застои и привремени ограничувања во движењето во централното подрачје на Скопје во периодот од 20 до 23 јули, додека трае официјалната посета на индиската претседателка.