Во Скопје веќе почна сериозно да се спроведува новото правило за фрлање отпад, а бројките покажуваат дека многумина не го почитуваат. Инспекторите досега изрекле околу 100 казни за граѓани кои фрлале ѓубре во контејнери по 22 часот, иако тоа е строго забрането.
Покрај граѓаните, санкции добиле и фирми – изречени се десетина казни за деловни субјекти, додека повеќе од 100 прекршители биле само опоменати.
Оваа мерка е на сила од ноември 2025 година и се однесува на периодот од 22:00 навечер до 06:00 наутро. За непочитување, предвидена е парична казна од 50 евра. Според податоците од градските власти, досега се наплатени повеќе од 2.000 евра врз оваа основа.
Од Град Скопје велат дека мерката веќе дава резултати – улиците се почисти, а граѓаните постепено ги менуваат своите навики.
Сепак, контролите нема да запрат. Инспекциските служби најавуваат засилено присуство на терен, со дежурства во три смени и посебен фокус на критичните локации низ градот.
Во наредниот период се планира и поставување видеонадзор, што треба дополнително да помогне во откривање на прекршителите.
Дополнително, донесена е одлука и деловните објекти – кафулиња, маркети и други фирми – да обезбедат сопствени контејнери за отпад, со цел да се намали оптоварувањето на контејнерите наменети за домаќинствата.








