Водата од двете јавни чешми „Тасино чешмиче“ во Скопје, односно од левата и десната чешма, не ги исполнува пропишаните стандарди за пиење. Ова го покажале резултатите од бактериолошките анализи доставени до Општина Центар од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје.
Според испитувањата, во водата е утврден зголемен вкупен број колиформни бактерии, поради што таа во моментов не се смета за исправна за пиење.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати апел до граѓаните да не ја користат водата од овие две јавни чешми за пиење сè додека не бидат добиени нови резултати од испитувањата.
Од Општината посочуваат дека препораката останува во сила до дополнителна потврда за исправноста на водата.
Граѓаните кои вообичаено ја користат „Тасино чешмиче“ се повикуваат да ја почитуваат препораката и да не пијат од водата сè додека надлежните институции не соопштат дека таа повторно ги исполнува здравствените стандарди.









