Младата македонска таеквондистка Ведрана Тунески оствари одличен резултат на Европското кадетско првенство во Романија, од каде што се враќа со бронзен медал и уште едно значајно признание за македонскиот спорт.
До европското одличје, Тунески стигна со две убедливи победи. Најпрво ја совлада претставничката на Холандија со 2:0, а потоа беше подобра и од ривалката од Шведска, исто така со резултат 2:0.
Во полуфиналната борба македонската натпреварувачка беше запрена од претставничката на Полска, со што го заврши настапот на првенството со бронзен медал.
Овој резултат има особено значење, бидејќи освојувањето медал на европско првенство во олимписки спорт претставува голем успех за една млада македонска спортистка.
Ведрана е членка на Таеквондо клубот „Бутел“, а зад себе веќе има и бронзен медал од Европското пионерско првенство.
Со новото одличје, таа уште еднаш го потврди својот натпреварувачки потенцијал и најави дека македонското таеквондо има млада спортистка на која допрва треба да се смета.








