ПРВ.мк
Република

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ВОЗАЧИТЕ! Внимавајте на овие места, условите за возење се отежнати

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ВОЗАЧИТЕ! Внимавајте на овие места, условите за возење се отежнати

Сообраќајот на државните патишта во Македонија утрово се одвива непречено, но по влажни коловози, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ). Посебно внимание се бара од возачите на патниот правец Куманово – Страцин, каде што поради магла видливоста е намалена на само 100 метри.

Надвор од градските средини интензитетот на сообраќајот е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно.

Посебна претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност за појава на одрони. Меѓу делниците на кои е потребно дополнително внимание е и правецот Катланово – Велес, како и релациите Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Зимската опрема е задолжителна, а дел од патиштата се со изменет режим

Од 15 ноември 2026 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на моменталните временски услови. Обврската ќе важи до 15 март 2027 година.

Дополнително, од 17 ноември патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила.

Внимание и на делницата Велес – Неготино

Поради градежни и санациони активности, на повеќе патни правци во земјава се воведени времени измени во режимот на сообраќај.

Од 25 ноември до 31 декември 2026 година, компанијата „Страбаг“ изведува санација на експресниот пат А1 на делницата Градско – клучка Дреново, како и на автопатот А1 на делницата Велес – Неготино, во зоната на клучката Градско. Во овие делови сообраќајот се пренасочува и се регулира според поставената сигнализација.

Исто така, од 24 ноември се врши замена на оштетена еластомерна дилатација на мостот кај клучката Бучим, на експресниот пат Штип – Радовиш. Поради работите, сообраќајот таму се одвива наизменично, со регулирање преку семафори.

На автопатот А1, на делницата Гевгелија – граничен премин Богородица, од 24 септември 2026 до 15 април 2027 година е затворен делот од исклучувањето за Гевгелија до граничниот премин. Возилата се пренасочуваат двонасочно по спротивната страна од коловозот, во правец од Богородица кон Скопје.

Санациони активности се изведуваат и на автопатот А2, на делницата Кичево – Охрид, во потегот Пресека – Песочан до клучката Арбиново, каде што се работи на левиот коловоз. На целата релација Кичево – Охрид, како и на патниот правец граничен премин Блаце – Скопје, сообраќајот се одвива со девијации и времен режим.

Во тек е и санација на мостот на реката Тајмишка на државниот пат А2, на делницата Гостивар – Кичево.

На граничниот премин Делчево, пак, од 9 септември е воведен времен режим поради реконструкција, но преминот функционира непрекинато и сообраќајот се одвива нормално.

Возачите се повикуваат да ја следат поставената сигнализација, да ја приспособат брзината и да бидат особено внимателни на делниците каде што се изведуваат градежни работи или постои опасност од одрони.

Најнови вести