Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ги објави казните по големиот инцидент на натпреварот меѓу КК Охрид и КК Гостивар, одигран во рамките на Првата кошаркарска лига.
По случувањата на теренот, КК Охрид е казнет со 200.000 денари и четири натпревари без присуство на публика. Дополнителна санкција доби и кошаркарот Бојоски, кому му е изречена забрана за настап на два натпревари.
Според информациите за инцидентот, сè започнало кога Бојоски неспортски го удрил противничкиот кошаркар со рамото. По доделената исклучувачка техничка грешка, ситуацијата на теренот ескалирала и дошло до голем хаос.
Во инцидентот имало физички пресметки, а нападнат бил и еден од судиите. Поради случувањата, натпреварот бил прекинат, но подоцна продолжил.
КФМ сега ги соопшти дисциплинските мерки за учесниците во настанот, со кои КК Охрид ќе мора да ги одигра следните четири натпревари без поддршка од својата публика.








