Општинскиот суд во Цазин ја потврди обвинителната постапка против Фахрет Хорозовиќ, возачот кој на 3 септември во населбата Доња Копривна со автомобил удри три деца, нанесувајќи им тешки телесни повреди. По несреќата, лекарите морале да извршат ампутација на ногата кај сите тројца повредени малолетници.
Обвинението против Хорозовиќ го поднело Обвинителството на Унско-санскиот кантон на 26 ноември, а судот го потврдил во целост веќе следниот ден.
Со ова, Хорозовиќ и официјално се стекнал со статус на обвинет, а кривичната постапка влегува во нова фаза.
Според досегашните резултати од истрагата, Хорозовиќ управувал со неприспособена брзина и под дејство на алкохол, поради што изгубил контрола над возилото. Автомобилот со голема сила удрил во потпорен ѕид на семејна куќа, на кој во тој момент се наоѓале децата.
Лекарите од Кантоналната болница во Бихаќ претходно потврдиле дека кај сите тројца повредени малолетници морале итно да извршат оперативни зафати поради трауматска ампутација на десната потколеница.

Станува збор за две девојчиња на возраст од шест и 12 години и деветгодишно момче. Покрај тешките повреди на ногата, момчето претрпело и сериозни повреди на главата и лицето, по што паднало во кома.
Да потсетиме, Општинскиот суд во Цазин на 5 септември, по предлог на Обвинителството на Унско-санскиот кантон, му одреди на Хорозовиќ едномесечен притвор.
Потврдувањето на обвинението претставува следен чекор во судската постапка за тешката сообраќајна несреќа што предизвика голема вознемиреност во јавноста.







