Вистинска драма се одвивала во раните утрински часови во скопската населба Чаир, каде што две патнички возила биле зафатени од пожар на улицата „Џон Кенеди“.
Според информациите, пожарот избувнал околу 4 часот наутро, а пламените јазици брзо ги зафатиле автомобилите. На местото веднаш интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица, која успеала да го локализира и изгасне пожарот, спречувајќи тој да се прошири и на други возила или околните објекти.
Во инцидентот, според досега достапните информации, нема повредени лица. Сепак, на возилата им е причинета значителна материјална штета.
Засега не е познато што го предизвикало пожарот. Надлежните служби извршуваат увид и работат на утврдување на сите околности, како и на причините што довеле до опожарувањето на двете возила.
На местото на настанот се преземаат сите неопходни активности, а по завршувањето на истрагата се очекуваат повеќе информации за случајот.
Извор: Скопје1.мк








