Нова снимка од физичка пресметка меѓу возачи во Скопје се појави на социјалните мрежи, повторно отворајќи го прашањето за агресијата во сообраќајот. Според ограничените информации, инцидентот се случил синоќа на еден од скопските булевари.
Видеото прикажува двајца мажи кои, пред очите на бројни возачи, влегуваат во директна физичка пресметка на сред улица. Наместо вербална расправија, ситуацијата брзо ескалирала во уличен „бокс-меч“, обележан со невешти удари, туркање и меѓусебно влечење. Во еден момент, покрупниот и постар учесник завршува на земја, што наликува на нокдаун, додека останатите возачи сведочат на сцената од своите автомобили.
При крајот на снимката во кадарот се појавува и трето лице, кое според изгледот и реакцијата делува како придружник на едниот од учесниците. Иако неговото присуство дополнително ја зголемува тензијата, тој не се вклучува во тепачката, што е можеби единствениот момент во кој ситуацијата не ескалира уште повеќе.
Инцидентот е проследен со музичка подлога – песната „Amor Mio“ од DJ Valca, пуштена од возачот кој го снимал настанот. Ироничниот контраст меѓу романтичниот ритам и агресивната сцена дополнително го нагласува апсурдот на целиот настан.
Ваквите пресметки, според впечатоците од последниот период, зачестија не само во главниот град, туку и низ државата. Тие редовно се појавуваат во дневните билтени на Министерството за внатрешни работи, каде како причина најчесто се наведува „претходно недоразбирање во сообраќајот“.
Пред само две недели, сличен инцидент беше регистриран и на мостот Гоце Делчев, на неколку стотини метри од зградата на Владата, што укажува дека нервозата зад воланот сè почесто преминува во отворено насилство на јавна површина.
















