Денес, 13 ноември, главниот град Скопје одбележува 81 година од своето ослободување од фашистичката окупација – ден кој засекогаш остана запишан во македонската историја како симбол на храброст, отпор и победа над злото.
На овој ден во 1944 година, борците од 42-та и 50-та дивизија на Народноослободителната македонска војска, заедно со 16-та Македонска бригада, по неколкудневни крвави борби со германските сили, влегле победнички во Скопје и му ја вратиле слободата.
Во чест на овој историски датум, делегации од државни институции, здруженија и граѓани денес ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани, како и пред споменикот „Ослободители на Скопје“, кој се наоѓа на платото пред зградата на Владата.
Традиционално, Град Скопје на овој ден ја доделува и награда „13 Ноември“ – признание за поединци и институции кои со својата работа придонеле за развој, културен напредок и афирмација на градот.
Во битките за Скопје, македонските борци се судриле со 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк, како и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија и тврдинската бригада „Ангермилер“, распоредена пред Качаничката клисура. По жестоки судири, тие успеале да ги потиснат непријателските сили и да го ослободат градот.
Борбите се воделе низ улицата „Илинденска“, кај главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и Старата железничка станица. Хероите од Скопје успеале да ја спасат хидроцентралата „Матка“ од минирање, како и други објекти од витално значење, додека невооружени граѓани со своите животи го бранеле Камениот мост од разурнување – мостот кој и денес е симбол на градот.
Во овие судбоносни денови загинале 420 македонски борци, а за време на целата Втора светска војна, повеќе од 4.600 скопјани го дале својот живот за слободата на татковината.
Историчарите проценуваат дека во текот на војната во Македонија загинале околу 33.000 луѓе, меѓу кои и над 7.000 македонски Евреи, депортирани во логорот Треблинка во Полска.
Со гордост и благодарност, Скопје денес се поклонува пред своите херои, чии жртви ја испишаа најсветлата страница во историјата на градот – страницата на слободата.















