Тешка трагедија го потресе грчкиот град Патрас, каде што тригодишно дете го загуби животот откако паднало од ограда висока околу два метри додека си играло со својот 25-годишен роднина.
Несреќата се случила вчера попладне, кога детето, во моментите на игра, изгубило рамнотежа и паднало, при што се здобило со тешки повреди. Итно било пренесено во детската болница „Караманданеио“ во Патрас, каде што лекарите се бореле да го одржат во живот.
И покрај тоа што веднаш било интубирано, детето доживеало срцев застој, а лекарскиот тим извршил реанимација и кардиопулмонални интервенции кои траеле цели 40 минути. За жал, сите напори биле безуспешни, и малото момче починало истата вечер.
25-годишниот роднина, кој бил со него во моментот на падот, исто така се повредил и бил префрлен во болницата „Агиос Андреас“, каде што е задржан под лекарски надзор.
Според извештаите, родителите на детето во тој момент биле на блиско поле, каде што извршувале земјоделски работи, додека детето било оставено под надзор на младиот роднина.
Полицијата потврди дека против 25-годишниот е поднесена кривична пријава за убиство од небрежност, и тој е уапсен од страна на властите.
Во болницата „Караманданио“ владееле трогателни сцени, кога родителите на детето, по добиената вест, пристигнале во солзи, со надеж дека нивниот син ќе преживее.
Полицијата од Западна Ахаја спроведува детална истрага за да ги утврди точните околности на трагедијата, а форензичарите ќе ги достават резултатите од обдукцијата кои треба да го потврдат начинот и причината за смртта на детето.
Настанот предизвика длабока тага и шок во локалната заедница, која се збогува со едно младо животче што згасна прерано.















