ПРВ.мк
Скопје

Скопјани добиваат нов превозен систем - Градскиот воз започнува со работа: Еве кога стартува првата линија!

Скопјани добиваат нов превозен систем - Градскиот воз започнува со работа: Еве кога стартува првата линија!

Скопје од 1 септември ќе добие нов начин на јавен превоз, откако ќе започне со работа првата линија од проектот „Градски воз“. Целта на проектот е да се намали сообраќајниот метеж и да се овозможи побрзо и поефикасно движење на патниците низ главниот град.

Првата линија ќе сообраќа на релација Миладиновци – Транспортен центар Скопје, со застанувања во Илинден и Маџари. Според најавите, патувањето од почетната до крајната станица ќе трае околу 18 минути.

Од Македонски железници информираат дека во утринските и попладневните часови возовите ќе сообраќаат на секои 15 минути, додека во останатиот дел од денот интервалот ќе биде околу 40 минути. Во текот на денот ќе има вкупно 18 линии во двата правци.

Проектот предвидува и две дополнителни линии – Зелениково до Транспортен центар Скопје и линија од Железничката станица во Скопје до Волково. Реализацијата на трасата Зелениково – Скопје е во завршна фаза, а целосното комплетирање на проектот се очекува до крајот на 2027 година.

Градскиот воз ќе ги користи постојните железнички станици, а во иднина е можно да бидат изградени и нови постојки на локации каде што ќе има потреба од подобра достапност за патниците.

Цената на билетот засега не е дефинирана и ќе биде утврдена во соработка со Град Скопје и Министерството за транспорт.

Надлежните очекуваат новиот систем значително да го олесни секојдневното патување на жителите од приградските населби и околните општини кон центарот на Скопје.