Два големи пожари избувнаа денеска на различни локации во Скопје и околината, а надлежните служби се на терен и интензивно работат на нивно ставање под контрола.
Еден од пожарите зафати во населеното место Волково, каде веднаш интервенираат екипите на Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на град Скопје, а огнената стихија постепено се става под контрола.
Втор пожар избувнал во Општина Сопиште, во пределот зад Водно. Покрај противпожарните екипи од Скопје, на оваа локација се упатени и четири специјални возила „пинцгауери“ од Дирекцијата за заштита и спасување за да помогнат во локализирањето на огнот.









