Градските служби се ставени во состојба на целосна подготвеност откако силното невреме го зафати Скопје. Кризниот штаб, јавните претпријатија и надлежните институции се мобилизирани и интервенираат на повеќе локации со цел навремено справување со последиците и заштита на граѓаните.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека поради силното невреме кое го зафати главниот град, Кризниот штаб е во постојана координација со сите надлежни служби и внимателно ја следи состојбата на терен.
Според него, екипите на јавните претпријатија се целосно мобилизирани и подготвени веднаш да реагираат доколку се појават поплави, оштетувања на инфраструктурата, паднати дрвја или други последици предизвикани од невремето.
Ѓорѓиевски истакна дека постои континуирана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН и Противпожарната бригада на Град Скопје, со цел сите расположливи ресурси да бидат искористени за брза и ефикасна интервенција.
Тој нагласи дека сите капацитети се ставени во функција за навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми материјални последици, додавајќи дека екипите ќе останат на терен во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе има потреба.
Во својата порака, градоначалникот ги повика граѓаните да останат внимателни, да не преземаат непотребни ризици за време на невремето и да ги следат препораките на надлежните институции.
Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата, а доколку временските услови се влошат или се појават нови проблеми, јавноста ќе биде навремено информирана.







