Изминатиов викенд Општина Бутел и населбата Радишани беа центарот на македонскиот 3х3 баскет. Јубилејното издание на турнирот „Радишани Опен“ заврши со спектакуларни натпревари и рекордна посетеност, со што уште еднаш се потврди статусот на овој турнир како еден од најдобрите и најпопуларните во државата.


Четирите турнирски денови беа исполнети со многу забава, дружење, но пред сè со врвна кошарка во која учество зедоа најдобрите екипи од цела Македонија и од Балканот. Натпреварите се одиграа на кошаркарското игралиште во ООУ „Ацо Шопов“, кое за оваа прилика беше опремено со специјална FIBA подлога.

„Еуро Едил“ е шампион во сениорска конкуренција
Големото финале донесе исклучително неизвесен и возбудлив меч помеѓу екипите на „Кино Влае“ и „Еуро Едил“, во кој победата ја однесе тимот на „Еуро Едил“.
Конечен пласман на најдобрите три екипи:
- Еуро Едил
- Кино Влае
- 3х3 Крушевац
Во јуниорскиот дел од турнирот, на врвот на пиедесталот се качи екипата на „Тафта“, која покажа одлична игра и го освои првото место.
Силна поддршка од локалната самоуправа
Од Општина Бутел потенцираат дека и во иднина ќе останат главен поддржувач и генерален покровител на вакви манифестации кои носат светски стандарди и поинаков пулс во локалната заедница.
„Упатуваме голема благодарност до тимот од населба Радишани за вложениот напор, труд и организација, со кои овозможија овој прекрасен настан да изгледа на врвно ниво“, се вели во соопштението по завршувањето на турнирот.










