ПРВ.мк
Скопје

ХЕРОЈ НА ДЕНОТ ВО СКОПЈЕ: Возач на ЈСП спаси патници среде страшното невреме – сите безбедно стигнаа дома!

ХЕРОЈ НА ДЕНОТ ВО СКОПЈЕ: Возач на ЈСП спаси патници среде страшното невреме – сите безбедно стигнаа дома!

Додека силното невреме предизвика хаос низ Скопје, еден возач на ЈСП покажа смиреност, професионалност и грижа за патниците, поради што доби бројни пофалби од граѓаните кои се нашле во автобусот во критичниот момент.

Скопјанка преку социјалната мрежа Фејсбук сподели искуство од невремето, раскажувајќи дека возачот на автобусот на линијата 65, кој сообраќа кон Раштак, реагирал исклучително внимателно и одговорно кога временските услови нагло се влошиле.

Според нејзиното сведоштво, автобусот се нашол кај Битпазар во моментот кога започнала силната бура. Ветерот носел делови од објекти, па дури и парчиња од згради завршувале во близина на автобусот, додека паднати дрвја дополнително ја отежнувале ситуацијата.

И покрај опасните услови, возачот останал присебен и донел одлука прво да ги однесе патниците на безбедно место, во гаражата во Автокоманда, каде чекале да помине најсилниот удар на невремето.

Откако временските услови се подобриле, тој продолжил со возењето и ги однел патниците безбедно до нивните домови, наместо да ги остави на улица во момент кога градот бил зафатен од силна бура.

„Во маката навистина се познаваат јунаците. Шоферот остана смирен и прибран. Не само што нè однесе на сигурно, туку почека да помине најлошото и потоа нè врати сите безбедно дома“, напишала скопјанката во својата објава.

Таа упати голема благодарност до возачот, нагласувајќи дека неговата реакција покажала дека вистинските професионалци се препознаваат токму во најтешките ситуации.

На нејзината објава се надоврзаа и други патници кои биле во автобусот и го потврдија неговиот потег. Тие истакнаа дека во моментите на невремето возачот покажал голема одговорност и дека благодарение на неговата реакција сите пристигнале безбедно.

„Тоа што денес го доживеавме не се опишува со зборови. Му благодариме на шоферот што нè врати безбедно дома“, напишал еден од патниците.

Други граѓани упатија пораки со поддршка до возачите на јавниот превоз, нагласувајќи дека нивната работа носи голема одговорност, особено во услови на сообраќаен метеж, лошо време и непредвидливи ситуации.

Потегот на возачот на ЈСП стана пример дека во критични моменти токму брзата проценка, смиреноста и човечноста можат да направат голема разлика.