ПРВ.мк
Скопје

Ѓорѓиевски ја откри вистината: Колку чинат казните за загадувачите на Скопје и кои до сега се казнети!

Ѓорѓиевски ја откри вистината: Колку чинат казните за загадувачите на Скопје и кои до сега се казнети!
Kristal

На денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски зборуваше за сериозните мерки што се преземаат за справување со аерозагадувањето и за плановите за 2026 година. Тој истакна дека во буџетот за наредната година за делот за животна средина се предвидени 64 милиони денари, што е за 40 милиони повеќе отколку во претходната година, како и дополнителни 220 милиони денари за подигање и одржување на јавно зеленило и паркови.

– „Загадувањето не е проблем што се решава преку ноќ. Тој не е создаден од сегашниот систем, но сега е наша обврска да дејствуваме и да го направиме Скопје почист и поздрав за сите“, порача Ѓорѓиевски.

Градоначалникот информираше дека инспекциските служби вршеле засилени контроли на индустриски капацитети и градилишта, издавајќи глоби од 1 000 до 53 000 евра, како и 90 прекршочни платни налози, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени во периодот од 6 ноември до 1 јануари. При тоа, десетици физички лица добиле казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање отпад.

– „Само со конкретни акции, редовни инспекции и заедничка одговорност можеме да постигнеме видливи резултати, а не со декларативни пораки“, истакна Ѓорѓиевски.

На седницата се дискутираше и за филтрите за оџаци, за кои се обезбедени средства од буџетот, но постојат прашања за нивната достапност и монтажа, како и за иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, која е во приватна сопственост, што според советниците ќе трае повеќе години за да се реализира.

Претседателот на Советот, Даме Димитровски, апелираше индустријата да примени европски практики, да обезбеди јавни и транспарентни мерења на загадувањето, а Градот и општините да ги зголемат инспекциските контроли.

Советниците од Зелен хуман град упатија критики на студиите за причините за загадувањето, наведувајќи дека тие тенденциозно го оправдуваат индустрискиот загадувач и ја пренесуваат вината на домаќинствата.

Советникот Горан Арсов од СДСМ предложи воведување забрана за стари дизел-возила под стандардот ЕУРО 4, исклучување на такси-возила кои не ги исполнуваат стандардите, субвенционирање на електрични возила и екофлоти за достава.

Седницата го потврди ставот дека за чист воздух и здрав живот во Скопје е потребно комбинирано делување: законски регулативи, инспекциски контроли, инвестиции во инфраструктура и едукација на граѓаните.

FixCredit
Escape