ПРВ.мк
Црна Хроника

ХАОС ВО БАРСЕЛОНА: Околу 100 уапсени, над 30 пожари и ограбени продавници среде градот!

ХАОС ВО БАРСЕЛОНА: Околу 100 уапсени, над 30 пожари и ограбени продавници среде градот!

Вистински хаос се случувал во текот на ноќта во Барселона, каде што протест прераснал во насилни немири, проследени со грабежи, уништување имот и подметнување пожари. Според објавените информации, полицијата привела околу 100 лица.

Нередите избувнале во близина на централниот градски плоштад Пласа де Каталуња, каде што групи маскирани демонстранти кршеле излози и влегувале во продавници.

Според информациите од каталонските власти, за време на немирите биле предизвикани повеќе од 30 пожари, додека 14 продавници биле оштетени или ограбени.

Особено загрижувачки е податокот дека околу една четвртина од приведените се малолетници.

Протестот бил организиран по повици што претходно се ширеле на социјалните мрежи под слоганот „Институт Индинјатс“, инспириран од француското движење на незадоволни средношколци.

На видеоснимките објавени на интернет се гледаат маскирани лица облечени во црно како кршат излози и изнесуваат производи од продавниците.

Во одредени трговски објекти настанала паника, а вработените биле принудени да ги спуштат заштитните ролетни за да спречат упад на демонстрантите.

Меѓу објектите во кои луѓето привремено останале затворени се споменува и познатата стоковна куќа „Ел Корте Инглес“.

Градоначалникот на Барселона, Жауме Колбони, најавил строги мерки против одговорните за насилството.

Тој порача дека вандализмот нема да остане неказнет и дека ќе следуваат правни последици не само за полнолетните учесници, туку и за старателите на малолетниците кои учествувале во немирите.

Надлежните служби продолжуваат со утврдување на штетата и околностите под кои се случиле инцидентите.