ПРВ.мк
Црна Хроника

Три убиства за помалку од 90 дена: Кој стои зад нападите врз бугарските бизнисмени?

Три убиства за помалку од 90 дена: Кој стои зад нападите врз бугарските бизнисмени?

Бугарија е потресена од ново убиство на познат бизнисмен. Слави Бинев, поранешен европратеник и претседател на Бугарската федерација по таеквондо, беше застрелан на 24 октомври во својот дом во софиската населба „Павлово“.

Според бугарските медиуми, пријавата за пукањето пристигнала околу 10:30 часот. Екипата на Итната медицинска помош пристигнала за седум минути, но лекарите можеле само да ја констатираат смртта.

Набргу по убиството, полицијата уапсила тројца мажи на автопатот „Тракија“, во близина на тунелот „Трајанови врати“. При полициската акција биле пронајдени и два пиштола.

Најновите информации од истрагата покажуваат дека обвинение е поднесено против еден од тројцата приведени. Според обвинителството, Бинев бил убиен со еден истрел во лицето, а за другите двајца засега нема доволно докази дека учествувале во злосторството.

Главната верзија што ја истражува полицијата е конфликт поради нерасчистени финансиски односи. Засега нема докази дека станува збор за нарачано убиство.

Случајот дополнително ја вознемири бугарската јавност бидејќи, според локалните медиуми, ова е трето убиство на бизнисмен во период пократок од три месеци.

Бинев беше познат по својата спортска, политичка и деловна кариера. Во 1992 година стана европски шампион во таеквондо, а подоцна извршуваше функции во бугарскиот и во Европскиот парламент.

Истрагата продолжува, додека надлежните се обидуваат целосно да ги расветлат мотивите и околностите на убиството.