ПРВ.мк
Црна Хроника

КРВАВ ИНЦИДЕНТ ВО МАКЕДОНИЈА: 15-годишно момче застрелано во стомак, 16-годишник задржан во полиција

КРВАВ ИНЦИДЕНТ ВО МАКЕДОНИЈА: 15-годишно момче застрелано во стомак, 16-годишник задржан во полиција

Петнаесетгодишно момче од тетовското село Боговиње завршило во болница со прострелна рана во пределот на стомакот, по инцидент со огнено оружје во кој, според првичните информации, бил вмешан 16-годишен малолетник.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 24 октомври во 14:10 часот, откако повреденото момче било донесено во Клиничкиот центар во Тетово.

„На 24.10.2026 во 14:10 часот во СВР Тетово, од Клинички центар Тетово било пријавено дека кај нив со прострелна рана во пределот на стомакот бил донесен 15-годишен малолетник од село Боговиње“, соопшти МВР.

По настанот, во Полициската станица Тетово доброволно се пријавиле 42-годишниот С.М. и неговиот 16-годишен син, двајцата од Боговиње. Тие предале пиштол со празна рамка.

Според изјавата на таткото, инцидентот се случил околу 13:45 часот во селото, кога од невнимание бил испукан еден куршум од пиштолот што го носел неговиот малолетен син.

На местото на настанот бил извршен увид во присуство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово и претставници на Центарот за социјални работи.

Шеснаесетгодишникот е задржан за понатамошна постапка, додека надлежните органи ги утврдуваат сите околности под кои дошло до пукањето.

Од МВР информираат дека по целосното расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Засега нема дополнителни информации за здравствената состојба на повреденото 15-годишно момче.