Град Скопје започна со отстранување на тезгите на Бит-пазар, со што постепено почнува да се менува досегашниот изглед на еден од најстарите и најпрепознатливи пазари во главниот град.
Градските служби се веќе на терен, каде што се отстранува дел од тезгите кои со години беа составен дел од овој фреквентен простор во Скопје.
Активностите привлекоа внимание и кај граѓаните, а на социјалните мрежи веќе се споделуваат снимки од терен со коментари дека „тезгите на Бит-пазар одат во историјата“.
Со нивното отстранување значително ќе се промени ликот на просторот околу Бит-пазар, низ кој секојдневно поминуваат голем број граѓани.
Засега не се објавени повеќе детали за целиот опфат на активностите, ниту за тоа како ќе изгледа просторот по нивното завршување. Дополнителни информации за плановите и идното уредување се очекуваат од Град Скопје.










