Во неколку средни училишта во Скопје денеска пристигнале дојави за наводно поставени експлозивни направи, по што веднаш била активирана итна евакуација на учениците и наставниот кадар.
Според објавените информации, дојави биле примени во средните училишта СУГС „Димитар Влахов“, СУГС „Владо Тасевски“, познато и како ПТТ, како и во СУГС „Марија Кири – Склодовска“, познато како Хемиско училиште.
Надлежните служби се веднаш излезени на терен, каде се вршат безбедносни проверки во сите објекти. Наставата во овие училишта е привремено прекината додека трае проверката на просториите.
Засега нема информации за повредени лица, а ситуацијата е под контрола, велат од институциите.
Од Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија апелираат граѓаните да останат смирени и да не шират непроверени информации, додека трае истрагата и расчистувањето на случајот.









