Дел од жителите на Скопје утре ќе останат без вода поради планирани работи на водоводната мрежа и санација на дефект, информира ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Поради реконструкција на пумпниот систем во Хидрофор Бардовци и поставување нова пумпа, населеното место Бардовци ќе биде без водоснабдување во периодот од 01:00 до 10:00 часот.
Дополнително, поради дефект на затворач на улицата „Народен фронт“, без вода ќе остане и дел од населбата Капиштец.
Прекинот ќе ги опфати корисниците на дел од улицата „Народен фронт“, на потегот од Домот на печат до улицата „Франклин Рузвелт“, како и дел од улицата „Васил Ѓорѓов“.
Во овој дел од градот водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот и ќе трае сè до завршување на санацијата.
Од јавното претпријатие апелираат граѓаните навреме да обезбедат доволни количини вода за основните потреби до целосно нормализирање на водоснабдувањето.









