ПРВ.мк
Скопје

(ВИДЕО) Нови детали за пожарот во „Baking Bread“: Сопственикот откри како избувнал огнот!

(ВИДЕО) Нови детали за пожарот во „Baking Bread“: Сопственикот откри како избувнал огнот!

Сопственикот на познатиот угостителски локал „Baking Bread“, Мише Цвејевски, се огласи по пожарот што избувна вчеравечер во објектот на улицата „Димитрие Чуповски“ кај Рекорд во центарот на Скопје, откривајќи ги причините за инцидентот и демантирајќи ги шпекулациите што се појавија во јавноста.

Благодарение на навремената интервенција на Противпожарната бригада, огнот бил брзо локализиран и изгаснат, со што било спречено негово ширење кон останатиот дел од објектот и станбената зграда.

Цвејевски информира дека во пожарот нема повредени лица и нагласи дека брзата реакција на вработените, кои биле обучени за вакви ситуации, како и професионалната интервенција на пожарникарите, спречиле поголема материјална штета.

„Фала Богу, никој не е повреден. Благодарение на обуката што ја имаат нашите вработени за вакви ситуации, нивната брза реакција, како и брзата интервенција на момците од Противпожарната бригада, избегнати се поголеми последици. Големо благодариме до нив за професионалноста и брзата реакција“, напиша сопственикот.

Според неговото објаснување, пожарот избувнал поради мало невнимание при редовна промена на маслото во една од фритезите, а не станува збор за поголем технички дефект или друг инцидент.

Тој истакна дека причинетата штета е релативно мала и дека локалот ќе биде повторно отворен за посетители за неколку дена, веднаш по завршувањето на неопходните поправки.

Во своето обраќање Цвејевски категорично ги отфрли и тврдењата што се појавија на социјалните мрежи дека пожарот бил намерно предизвикан со цел наплата на осигурување.

„Сакаме јасно да кажеме дека Baking Bread нема да побара ниту еден денар од осигурителната компанија. Штетата е мала и ќе ја санираме сами“, порача тој.

Според информациите што ги сподели сопственикот, станува збор за несреќен сплет на околности при рутинско одржување на опремата, а благодарение на навремената реакција на сите инволвирани, избегнати биле многу посериозни последици.