На изворот Кнежак, местото кое засекогаш остана поврзано со легендарниот Халид Бешлиќ благодарение на песната „Романија“, свечено беше откриен споменик во чест на еден од најголемите музички имиња на Балканот.
На настанот присуствувал неговиот син Дино Бешлиќ, како и голем број пријатели, жители, почитувачи и љубители на неговата музика, кои во достоинствена и емотивна атмосфера му оддале почит на пејачот чии песни оставија неизбришлива трага низ целиот регион.
Споменикот е поставен токму на местото што Халид Бешлиќ го направи препознатливо со својата музика, претворајќи го Кнежак во симбол за многу генерации кои пораснаа со неговите хитови.
Присутните истакнале дека и покрај огромната популарност што ја уживаше со децении, Халид секогаш останал скромен, приврзан кон своето родно место и горд на своите корени, за кои често зборувал во јавноста.
Посебни емоции предизвикала спомен-плочата, на која покрај неговата фотографија е испишана пораката: „Не дозволи изворот да се замагли. Ти благодарам, Халид. Твоја Кнежина“. Овие зборови, според присутните, симболично ја отсликуваат врската меѓу уметникот и местото што го прослави со својата музика.
За време на церемонијата биле изведени неговите најпознати песни, а најемотивниот момент настапил кога започнала „Романија“. Собраните ја испеале во еден глас, претворајќи го настанот во незаборавно музичко и емотивно сеќавање.
Идејата за поставување на споменикот се родила по смртта на Халид Бешлиќ, кога мештаните посакале трајно да го зачуваат споменот на човекот кој со својата музика го прослави овој крај далеку надвор од границите на Босна и Херцеговина. Иницијативата добила голема поддршка од јавноста и неговите бројни обожаватели.
Со откривањето на споменикот, изворот Кнежак добива ново значење – место каде што љубителите на музиката ќе можат да се потсетуваат на животот, делото и незаборавните песни на Халид Бешлиќ, уметник чиј глас ќе продолжи да живее низ генерациите.







