Српскиот трап-изведувач Драгомир Депсиќ, попознат под уметничкото име Десингерица, повторно се најде во центарот на јавноста поради необичен и контроверзен настап, овојпат во Хрватска.
За време на концертот во клубот „Ла Плаја“ во Водице, Десингерица повторно приреди сцена која предизвика бројни реакции. Среде настапот тој извади машинка за бричење и започна да му ја бричи косата на еден млад посетител кој се наоѓал во првите редови. По него, уште неколку обожаватели доброволно се приклучиле и дозволиле да им биде избричена косата пред останатата публика.
Настанот брзо се прошири на социјалните мрежи, каде што видеото собра голем број прегледи и предизвика поделени мислења. Додека едни го оценија потегот како дел од неговиот препознатлив сценски настап и начин на комуникација со публиката, други сметаат дека ваквото однесување е непримерно и непотребно.
Ова не е првпат Десингерица да изведе ваков перформанс. Слична сцена се случи и минатата година за време на негов концерт во Нашице, кога исто така бричеше посетители среде настапот.
Драгомир Депсиќ е роден во 1993 година во Белград, а пред музичката кариера бил посветен на спортот. Во младоста тренирал кошарка во младинските категории на Партизан и Црвена Ѕвезда. Подоцна се занимавал со тетовирање и отворил сопствено студио, пред во 2022 година да влезе на музичката сцена.
Неговата музичка кариера започна во соработка со Лука Бијеловиќ – Пљугица, а уште со првата песна „Kucci Kucci“ двајцата привлекоа огромно внимание. Тие уште на самиот почеток предизвикаа контроверзии, откако за снимање на спот накратко го запреа сообраќајот на автопат, што тогаш беше тема во регионалните медиуми.
Десингерица во меѓувреме беше ангажиран и како член на жирито во музичкото шоу „Пинкови ѕвезди“, но поради честите контроверзии околу неговите јавни настапи, во медиумите повторно се отворија шпекулации дека неговиот ангажман во шоуто би можел да претрпи промени.









