Познатата инфлуенсерка Нара Смит, која на Инстаграм ја следат повеќе од четири милиони луѓе, откри дека нејзината двегодишна ќерка се бори со рак. Веста ја сподели преку емотивна објава во која открива дека семејството поминувало низ исклучително тежок период, а неодамна донеле и болна одлука – да ѝ ја избричат косата на девојчето, откако почнала да паѓа поради терапијата.
Во видеото што го објави, 24-годишната Нара раскажува дека дијагнозата била поставена кон крајот на минатата година, кратко откако таа го родила своето четврто дете. Таа објаснува дека сè започнало кога забележале нешто необично кај нивната ќерка Вимзи, по што ја однеле во болница и кај педијатар.
„Нема лесен начин да го кажам ова, но кон крајот на минатата година нашата ќерка Вимзи беше дијагностицирана со рак“, вели Нара во видеото.
По неколку тестови и биопсија, семејството ја добило тешката вест дека болеста е потврдена и дека веќе се проширила, по што девојчето веднаш започнало со хемотерапија.
Нара открива дека целото семејство поминува низ голем емотивен товар и дека токму тоа е причината што во последните месеци поретко објавувала содржини на социјалните мрежи.
„Некои денови се полесни, некои денови се навистина тешки и сè што можам да направам е да го давам најдоброто од себе“, споделува таа.
Во следната објава, инфлуенсерката објасни дека косата на девојчето почнала да опаѓа поради третманот, па заедно со сопругот решиле да ѝ ја избричат главата. На фотографиите што ги објави, главата на малото девојче е украсена со светкави лепенки, а на друга фотографија се гледа и целосно избричената коса.
Таа истакна дека не било лесно да сподели толку личен момент со јавноста, но дека поддршката што ја добила од следбениците, молитвите и приказните од други семејства кои поминале низ слично искуство ѝ помогнале полесно да се справи со ситуацијата.
„До секое семејство или родител кој минува низ нешто тешко – мислиме на вас“, напиша Нара.
Нара Смит е во брак со 28-годишниот модел Лаки Блу Смит, со кого има четири деца. Пред раѓањето на најмладото дете, двојката изјавила дека не планира повеќе деца, иако Нара претходно открила дека отсекогаш сонувала за големо семејство.
Инфлуенсерката стана позната по видеата од нејзиното секојдневие како мајка и „домаќинка“, особено по рецептите што ги подготвува без користење готови производи и по препознатливиот елегантен стил. Иако нејзината популарност ѝ донесе големо богатство и светска препознатливост, Нара повеќепати говорела и за негативната страна на јавниот живот, истакнувајќи дека најтешко ги поднесува критиките насочени кон нејзините деца.
Овојпат, наместо критики, нејзината објава предизвика бран на поддршка и сочувство од следбеници и јавни личности ширум светот, кои на семејството му посакаа сила и успешно закрепнување на малата Вимзи.








