Анаи, поранешната тинејџерска ѕвезда од хит серијата „REBELDE“ (Бунтовничка), денес ужива во семејни моменти и музички проекти, но нејзината приказна за борбата со нарушувања во исхраната инспирира многумина.
Зад сликата на харизматичната актерка и пејачка се крие живот полн со предизвици, пресвртници и моменти кои го обликувале нејзиниот пат.
Мексиканската ѕвезда Анаи, родена како Анаи Џована Пуенте Портиља на 14 мај 1983 година во Мексико Сити, стана светски позната на почетокот на 2000-тите благодарение на улогата на Миа Колучи во серијата „Бунтовничка“. Улогата на разгалената, но харизматична тинејџерка ја претвори во едно од најпрепознатливите лица на својата генерација, а серијата ја освоја и македонската публика.
Како дел од популарната група RBD, создадена од серијата, Анаи постигна огромен меѓународен успех и стекна милиони обожаватели ширум светот. Хитовите на бендот како „Sálvame“, „Sólo quédate en silencio“, „Rebelde“ и „Nuestro amor“ ја дефинираа музичката сцена на една генерација. Години по распадот на групата, членовите повторно се обединија и одржаа голема турнеја, разбудувајќи носталгија кај фановите.
Но зад рефлекторите, животот на Анаи бил тежок. Таа отворено зборувала за својата борба со анорексија и булимија во младоста, која речиси завршила трагично.
„Со години страдав од анорексија и булимија, што речиси ме уби. Од тој момент сè се промени. Верував дека не сум доволна. Навистина верував во тоа“, призна Анаи за Hola. „Можев да издржам пет или шест дена без да јадам. Понекогаш јадев грејпфрут, понекогаш мраз за да го излажам стомакот.“
Во приватниот живот, Анаи пронашла стабилност со мексиканскиот политичар Мануел Веласко Коелјо, тогаш гувернер на Чијапас. Тие се венчале на 25 април 2015 година и имаат два сина – Мануел (2017) и Емилијано (2020).
Денес, на 42 години, Анаи е активна на социјалните мрежи, каде ги споделува моментите од приватниот и професионалниот живот со своите повеќе од 12,7 милиони следбеници на Инстаграм. Нејзиниот изглед и шарм сè уште ја прават препознатлива, а присуството на сцената го потврдува со повремени музички проекти и учество во жирито на мексиканската верзија на „Маскиран пејач“.




















