Српскиот рапер Драгомир Деспиќ, познат како Десингерица, бил приведен во Црна Гора поради прекршување на Законот за странци.
Од црногорската полиција соопштија дека, покрај него, биле санкционирани уште две лица од Србија, бидејќи немале лични документи при престојот и движењето на територијата на Црна Гора.
Инцидентот се случил во ноќен клуб во Сутоморе, каде што Десингерица настапувал. Полицијата извршила контрола во периодот од 02:00 до 03:00 часот, при што тројцата биле одведени во Одделението за безбедност Бар за утврдување на идентитет.
По проверката, инспекторите за странци им изрекле парични казни од по 200 евра поради престој и движење без лични документи.
Во текот на контролата биле затекнати и 11 малолетници кои консумирале алкохол, како и едно лице кое работело без соодветна дозвола.
Поради овие неправилности, против правното лице и одговорните лица во ноќниот клуб ќе биде покрената прекршочна постапка, а изречени се и казни во вкупен износ од 11.200 евра.
Десингерица претходно изјави дека полицијата го прекинала неговиот настап и го однела во службено возило, каде што, според неговите зборови, бил задржан до раните утрински часови.









