По години шпекулации и бројни прашања дали конечно ќе застанат пред олтар, Кристијано Роналдо и Џорџина Родригез наводно се подготвуваат за еден од најважните моменти во нивниот живот – раскошна свадбена церемонија која, според странските медиуми, би требало да се одржи овој викенд.
Иако парот официјално сè уште нема објавено детали за венчавката, неколку светски медиуми започнаа да пренесуваат информации за наводната локација, гостите и подготовките за големиот ден.
Според достапните информации, Роналдо и Џорџина би требало да се венчаат на островот Мадеира, родното место на славниот фудбалер. Токму ова место има посебно значење за Роналдо, бидејќи таму ги поминал најраните години од животот и од таму го започнал патот кон една од најголемите фудбалски кариери во историјата.
Наводно, церемонијата ќе се одржи во катедралата во Фуншал, главниот град на Мадеира, која може да прими околу 800 гости. По официјалниот дел, прославата би продолжила во еден од најлуксузните хотели на островот – Savoy Palace, кој се наоѓа во близина на катедралата.
Според изворите на странските медиуми, семејството на Роналдо веќе има престојувано во овој хотел, а за свадбата наводно биле резервирани најлуксузните апартмани. Цените за престој во најелитните делови од хотелот започнуваат од околу 1.200 евра за една ноќ.
„На гостите им било кажано дека во петок и сабота два ката од хотелот нема да бидат достапни, како и неколку барови“, пренесуваат извори запознаени со подготовките.
Гостите, според најавите, би требало да имаат пристап до ексклузивни содржини како приватен базен на покривот, солариум, луксузни ресторани, како и персонализирана услуга со лични батлери.
Хотелот располага и со голема сала за прослави која може да прими до 1.000 гости, а нејзината локација на најгорниот кат обезбедува дополнителна приватност и спектакуларен поглед кон океанот и целиот остров.
Една од причините поради која оваа локација наводно била избрана е и фактот што хотелот има посебни содржини за деца. Роналдо и Џорџина имаат големо семејство, па организацијата на удобност за најмалите членови била важен дел од подготовките.
Мадеира за Роналдо не е само туристичка дестинација, туку симбол на неговото потекло. Во негова чест таму е поставена и бронзена статуа која е една од познатите туристички атракции. Фудбалската ѕвезда често се враќа на островот и не крие дека потекнува од скромно семејство.
Роналдо ја напуштил Мадеира уште како 11-годишно момче за да го следи својот фудбалски сон, а по огромниот успех во кариерата, во родниот крај изгради и луксузен дом.
Иако ниту Роналдо ниту Џорџина официјално не потврдиле дека свадбата ќе се одржи, фудбалерот неодамна јавно зборуваше за своите планови за брак. Тој изјави дека сака да се ожени по завршувањето на Светското фудбалско првенство.
„Се надевам дека ќе пристигнам на мојата свадба со трофејот. Ќе се венчам со неа бидејќи сметам дека сега е вистинското време“, изјави Роналдо, додавајќи дека Џорџина не е само мајка на неговите деца, туку личноста која најмногу ја сака.
Роналдо ја запроси Џорџина минатиот август, по девет години врска. Според неговите зборови, запросувањето се случило спонтано, во доцните ноќни часови, додека нивните ќерки спиеле.
Фудбалерот раскажа дека во моментот кога ѝ го давал прстенот, нивните деца кажале: „Тато, ќе ѝ го дадеш прстенот на мама и ќе ѝ кажеш да се омажи за тебе“, по што сфатил дека тоа е совршениот момент.
Тој откри и дека долго време барал идеален прстен за Џорџина, бидејќи сакал да ѝ исполни една од нејзините желби.
Двојката се запозна во 2016 година во Мадрид, кога Џорџина работела како асистент за продажба во продавница на Gucci. Набрзо започнале врска, која со текот на годините прерасна во едно од најпознатите љубовни партнерства во светот.
Заедно имаат пет деца. Џорџина го прифатила најстариот син на Роналдо, а подоцна добија и заеднички деца. Во 2017 година добија близнаци со помош на сурогат мајка, а во 2022 година добија уште две деца, при што трагично едното од близнаците не преживеа.








