По повеќе од година и половина интензивна работа, денеска и официјално е означен крајот на снимањето на документарниот филм на Бојан Јовановски – Боки13. Со последната клапа завршува еден од најамбициозните проекти зад кои застана Јовановски, а веќе започнува одбројувањето до неговото прво прикажување пред јавноста.

Документарниот филм е работен според високи продукциски и филмски стандарди, со внимателно граден концепт и материјал создаван во период подолг од 18 месеци. Режијата ја потпишува Весна Бејби Петрушевска, што на целиот проект му дава дополнителна авторска и професионална тежина.

Првата голема премиера е планирана во Скопје, но точниот датум и локацијата засега намерно остануваат тајна. По скопската премиера, плановите се филмот да биде претставен и во други градови и држави, со што проектот ќе добие поширок регионален и меѓународен живот.

Особено значаен дел од планот е и неговото претставување на филмски фестивали, каде документарецот ќе има можност да стигне до нова публика и до професионалната филмска јавност.

Последната клапа денеска означува крај на снимањето, но истовремено и почеток на ново поглавје. По година и половина работа зад камерите, наскоро доаѓа моментот кога публиката за првпат ќе го види конечниот резултат на големото платно.









