Ана Бекута за првпат се појави во јавноста откако беше објавено дека по 12 години ќе го напушти жирито на едно од најпопуларните музички шоуа во регионот – „Ѕвездите на Гранд“.
Познатата фолк-пејачка присуствуваше на концертот на нејзиниот колега Драган Којиќ-Кеба, каде што пред медиумите говореше за својата одлука да се повлече од шоуто, но и за разговорот што го имала со челниците на продукцијата „Гранд“.
Бекута откри дека не ја доживува својата одлука како нешто поради кое треба да биде тажна, туку како можност да си посвети повеќе време на себе и на сопствената кариера.
„Мене не ме растажи таа вест, едноставно сакам малку да се одморам! Сè уште не сум излегла од нашата заедничка група, тоа ќе го направам кога ќе започнат снимањата“, објаснила пејачката.
Таа посочила дека долгогодишното учество во снимањата ѝ одземало значителен дел од слободното време, па сега сака својата енергија да ја насочи во друг правец.
„Снимањата ми одземаа премногу од слободното време, а сега сакам да ѝ се посветам на мојата кариера на еден поинаков начин – да снимам нови песни и да организирам турнеја“, изјавила Бекута.
Но, заминувањето на Ана Бекута можеби нема да биде единствената промена во новата сезона на популарното музичко шоу.
Музичкиот директор Александар Милиќ Мили се појавил на снимањето во одлично расположение, но со својата изјава дополнително ги разгорел шпекулациите дека гледачите ги очекуваат нови изненадувања.
Во последниот период се појавија и наводи дека продукцијата би можела да постигне договор со големата фолк-ѕвезда Драгана Мирковиќ за нејзино учество во шоуто. На прашањето дали овие информации се точни, Мили не дал конкретен одговор.
Наместо тоа, тој само мистериозно се насмеал и оставил простор за дополнителни шпекулации.
„Не можам ништо однапред да кажам… Мислам дека ќе има уште промени, а за некои не знам ни јас самиот, така што сите ќе се изненадиме!“, изјавил Мили пред медиумите.
Со оваа изјава, музичкиот директор дополнително ја зголемил неизвесноста околу составот на шоуто, бидејќи според неговите зборови, можно е промените да не завршат со заминувањето на Ана Бекута.
Информацијата ја пренесе српски „Блиц“.









