ПРВ.мк
Македонија

ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО ИЗЛЕГУВА ОД КОНТРОЛА: Кој потфрли и зошто училиштата стануваат бојно поле?

ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО ИЗЛЕГУВА ОД КОНТРОЛА: Кој потфрли и зошто училиштата стануваат бојно поле?

Сè поголемиот број случаи на врсничко насилство во училиштата во земјава повторно го отвора прашањето дали досегашните мерки се доволни и кој треба да понесе одговорност. Јавноста деновиве реагира со загриженост поради зачестените случаи на физичко насилство, навреди, исмејување и други форми на малтретирање меѓу учениците.

На социјалните мрежи сè почесто можат да се прочитаат реакции од граѓани кои бараат конкретни мерки и построги санкции за ваквото однесување. Меѓу барањата се споменува и финансиска одговорност на родителите на децата кои вршат насилство.

„Дали треба да се случи трагедија за да се преземат конкретни мерки? До кога вака? Редно е нешто да се промени“, се дел од реакциите што се споделуваат во јавноста откако случаите на меѓуврсничко насилство почнаа почесто да го привлекуваат вниманието.

Дека проблемот со врсничкото насилство се зголемува во последните две години, според презентираните податоци, покажува и бројот на пријави. Психологот Мирјана Јовановска Стојановска причините за ваквиот тренд ги поврзува со повеќе фактори.

Како еден од значајните фактори го издвојува влијанието на социјалните мрежи, каде што кај младите постои потреба за популарност и стекнување социјален престиж. Дополнително, таа посочува на недостатокот на емпатија и емоционална писменост, но и на потребата кај одредени деца да воспостават моќ и доминација врз своите врсници.

Врсничкото насилство, во меѓувреме, одамна не се ограничува само на просторот зад училишните врати. Социјалните мрежи овозможуваат конфликтите, навредите и исмејувањето да продолжат и надвор од училиштето, поради што проблемот добива пошироки општествени размери.

Токму затоа повторно се отвораат прашањата за навременоста на реакциите на институциите, но и за одговорноста на родителите и училиштата.

На оваа тема разговараше и „24“, при што универзитетскиот професор Кирил Барбареев беше побаран да го оцени воспитно-образовниот процес во земјава и начинот на кој системот се справува со предизвиците поврзани со однесувањето на учениците.

Во меѓувреме, од почетокот на новата учебна година, дел од училиштата воведоа построги правила за употреба на мобилните телефони. Мерките се насочени кон ограничување на нивното користење во текот на наставата, но останува прашањето дали тоа ќе биде доволно за да се спречат и пошироките форми на врсничко насилство.

И покрај најавите за построги правила и можни посериозни последици, училиштата и понатаму се соочуваат со пријави за насилство меѓу учениците.

Дали построгите мерки, вклучително и евентуалниот финансиски удар врз родителите на децата кои вршат насилство, ќе придонесат за поголема безбедност во училиштата и надвор од нив, останува да покаже периодот што следува.