ПРВ.мк
Македонија

АХВ СО ВАЖЕН АПЕЛ ДО СОПСТВЕНИЦИТЕ: Еден чекор може да ги заштити и милениците и луѓето од беснило!

АХВ СО ВАЖЕН АПЕЛ ДО СОПСТВЕНИЦИТЕ: Еден чекор може да ги заштити и милениците и луѓето од беснило!

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упатува апел до граѓаните редовно да ги вакцинираат своите домашни миленици против беснило, особено по повод Светскиот ден на беснилото, кој се одбележува на 28 септември.

Годинава се одбележува 20. Светски ден на беснило, под мотото „Заедно посилни“. Од АХВ посочуваат дека беснилото на секои девет минути одзема еден човечки живот, но истовремено нагласуваат дека смртта од оваа болест може целосно да се спречи.

Според Агенцијата, за постигнување подобри резултати во борбата против беснилото потребна е заедничка работа на повеќе сектори и институции. Тоа, меѓу другото, подразбира проширување на пристапот до вакцинација на кучињата, подобрување на системите за надзор и пријавување на болеста, подигнување на јавната свест и едукација, како и поддршка на политики кои ги штитат и луѓето и животните.

Мотото „Заедно посилни“, како што објаснуваат од АХВ, ја одразува потребата од поголема соработка во напорите за елиминација на беснилото. Иако во изминатиот период е постигнат значителен напредок, сè уште постојат проблеми поврзани со координацијата и соработката, кои го ограничуваат целосниот ефект на преземените мерки.

Токму затоа, годинашната тема става акцент на зајакнување на партнерствата, подобрување на комуникацијата и подобро усогласување на активностите во системите што се грижат за здравјето на луѓето и животните.

АХВ воедно потсетува дека во земјава е во тек кампањата „Стоп Беснило – пријави и спречи“, чија цел е да се зголеми пасивниот надзор над болеста. Тоа подразбира проверка дали кај угинати животни кои се приемчиви на беснило постои присуство на вирусот.

Од Агенцијата апелираат до возачите и сите граѓани доколку забележат угинато животно кое може да биде приемчиво на беснило, случајот да го пријават.

Особено се посочуваат лисиците и другите диви месојади. Пријавувањето може да се направи на бесплатниот телефонски број 0800 00 210, како и во канцелариите на подрачните единици на Агенцијата за храна и ветеринарство.

АХВ упатува и посебен повик за одговорно сопствеништво до граѓаните кои чуваат кучиња и мачки. Сопствениците треба редовно да ги носат своите миленици на задолжителна годишна вакцинација против беснило и да обезбедат нивно микрочипирање.

Од Агенцијата велат дека континуирано се преземаат активности за контрола и одржување на поволната епидемиолошка состојба во однос на беснилото.

Зголемувањето на бројот на идентификувани и регистрирани домашни миленици, а со тоа и бројот на вакцинирани кучиња и мачки, е само еден дел од мерките што се спроведуваат. Од АХВ нагласуваат дека ова е и важна основа за воспоставување контрола врз популацијата на бездомни животни.

Во рамките на мерките за контрола на беснилото кај дивата популација, Агенцијата за храна и ветеринарство во 2025 година, по пауза од три години, повторно започна кампања за орална вакцинација на лисиците.

Целта на кампањата е да се подобри епидемиолошката состојба поврзана со беснилото во земјава и регионот, особено кај дивите животни.

И годинава продолжи кампањата за орална вакцинација. Авионската дистрибуција на 450.000 вакцинални мамки започна на 23 септември, а планирано е да заврши до 2 октомври.

По завршувањето на дистрибуцијата, во рок од 15 дена треба да започне земањето примероци со кои ќе се провери успешноста на спроведената вакцинација кај лисиците.