ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ЊУ ЏЕРСИ?: Ајкула плива низ поплавените улици!

(ВИДЕО) ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ЊУ ЏЕРСИ?: Ајкула плива низ поплавените улици!

Силното невреме што минатиот викенд го зафати источниот брег на САД предизвика сериозни поплави во Сурф Сити, Њу Џерси, но во хаосот од надојдената вода се случи и сцена која ги изненади локалните жители.

Еден жител успеал да сними ајкула како плива низ поплавените улици на малото крајбрежно место, кое има околу 1.300 жители.

Снимката е направена во саботата, а на неа се гледа животното како се движи низ матната сиво-кафеава вода која ги прекрила улиците.

Во позадина се слуша женски глас кој во неверување прашува дали навистина станува збор за мала ајкула.

„Дали е тоа мала ајкула? О Боже, доаѓа кон нас“, се слуша на снимката.

Сепак, и покрај необичната глетка, експертите посочиле дека немало причина за паника.

Д-р Грег Скомал, експерт за ајкули од Одделот за морски риболов на Масачусетс, објаснил дека животното на видеото е вид познат како Mustelus canis.

Станува збор за релативно мала и безопасна ајкула која е вообичаена во водите на тој регион.

Според извештаите, ајкулата стигнала дури до пристапниот пат што води кон една куќа, по што продолжила во правец на заливот Барнегат.

Во моментот кога е снимена, поплавите во Сурф Сити биле сериозни, а водата на одредени места достигнувала длабочина до околу 1,2 метри.

Снимката со ајкулата била само една од необичните сцени забележани за време на силното невреме. На други снимки се гледаат жители како се движат низ поплавениот град со моторни чамци, додека биле забележани и кучиња кои биле превезувани во кајаци.

Но, зад необичните сцени се криеле и сериозни последици од невремето.

Силните ветрови соборувале дрвја и предизвикале големи проблеми во сообраќајот, а илјадници летови биле откажани или одложени.

Во Њујорк биле измерени налети на ветер до 80 километри на час, додека во Сурф Сити ударите достигнале и до 120 километри на час.

Во сојузните држави Род Ајленд и Масачусетс биле измерени врнежи од меѓу 100 и 150 литри дожд на квадратен метар.

Невремето имало и човечка жртва. Во саботата, 56-годишен општински работник загинал во Њујорк откако врз него паднало дрво.

Метеорологот Мајк Сајдел во неделата попладне известил дека цели градски блокови во Њу Џерси биле под вода. Сепак, тој посочил дека состојбата постепено почнала да се подобрува во текот на денот.

Повлекувањето на водата го споредил со момент кога „како некој да го извадил чепот од кадата“, опишувајќи колку брзо поплавените површини почнале да се празнат.

Според неговата прогноза, по невремето се очекувало подобрување на времето и враќање на сончеви услови во вторник.

ВИДЕО