ПРВ.мк
Црна Хроника

ЛИКВИДИРАН НА ПАРКИНГ: Убиен познат директор

ЛИКВИДИРАН НА ПАРКИНГ: Убиен познат директор

Директор и еден од раководителите на инженерскиот тим во „Њујорк тајмс гејмс“, 40-годишниот Џонатан Мекензи, е пронајден мртов со повеќе прострелни рани на паркинг во Даблин, Калифорнија.

Трагедијата се случила во саботата, на 26 септември, во близина на спортскиот комплекс „Даблин спортс граундс“. Полициски наредник кој минувал во близина забележал маж како лежи на земја, а речиси истовремено полицијата добила и повеќе повици од граѓани.

На местото бил пронајден Мекензи со повеќе прострелни рани. Тој бил прогласен за мртов на самото место.

Набргу по пукањето полицијата ги уапсила неговите 77-годишни тест и тешта, Шојонг Џанг и Шили Чен, под сомнение дека се поврзани со убиството. Според полицијата, сведоци помогнале во нивното пронаоѓање, а двајцата сè уште се наоѓале во близина на местото на настанот.

Американските медиуми пренесуваат и тврдење на сведок дека маж пукал во Мекензи, а потоа оружјето ѝ го предал на жена која исто така пукала. Полицијата засега официјално не ја потврдила оваа верзија.

Мотивот за убиството не е соопштен и истрагата продолжува. Надлежните наведуваат дека не трагаат по други осомничени и дека нема непосредна опасност за јавноста.

Мекензи од јануари 2023 година работел во „Њујорк тајмс“, каде бил раководител на инженерскиот сектор за корисничко искуство во рамките на „Њујорк тајмс гејмс“. Претходно работел на повеќе инженерски позиции, а предавал и информатика.

Според судските документи на кои се повикуваат американските медиуми, Мекензи и неговата сопруга во текот на претходната година биле вклучени во повеќе правни постапки поврзани со семејните односи и старателството над децата.

Уапсените треба да се појават пред суд во среда, а според достапните судски податоци се соочуваат со обвиненија кои вклучуваат убиство од прв степен.