Италијанскиот одбојкар Роберто Казанига цели 13 години верувал дека е во љубовна врска со жена која никогаш не ја запознал во живо, а во тој период потрошил околу 700.000 евра на неа.
Поранешниот италијански репрезентативец и капитен на Џоја дел Коле бил убеден дека комуницира со бразилската манекенка Алесандра Амбросио. Сепак, зад идентитетот на познатата манекенка, според медиумските извештаи, всушност стоела друга жена.
Сè започнало кога пријател му дал телефонски број за кој му било кажано дека припаѓа на жена заинтересирана да го запознае. Подоцна жената наводно му кажала дека првичното име било псевдоним и се претставила како Алесандра.
Иако нивната наводна врска траела цели 13 години, двајцата никогаш не се сретнале. Секогаш кога требало да дојде до средба, следувало ново оправдување – болест, работа или друга причина.
Казанига своевремено раскажал дека комуницирале речиси секојдневно преку телефон и дека со текот на времето се вљубил во гласот на жената со која разговарал.
Во текот на долгогодишната комуникација, тој наводно потрошил околу 700.000 евра, пред да открие дека приказната во која верувал со години не била онаква каква што му била претставена.







