Познатата инфлуенсерка Доротеа Деспотовиќ – Теа, која ја следат десетици илјади луѓе на социјалните мрежи, искрено проговори за своето детство, посвојувањето, суровите навреди што ги добивала и средбата со биолошката мајка, која, како што признава, не ја променила нејзината животна приказна.
Теа откри дека веднаш по раѓањето била сместена во дом за деца без родителска грижа, каде останала кратко време пред да биде посвоена.
„Во домот стигнав кога имав само 18 дена. Претходно бев со биолошката мајка во болница, а потоа бев дадена на посвојување“, раскажала таа, додавајќи дека веќе на тримесечна возраст пристигнала во семејството кое ја одгледало.
Како што вели, нејзините посвоители тој ден го паметат како еден од најсреќните моменти во својот живот, а токму тие ги смета за свои вистински родители.
Љубопитноста за своето потекло се појавила во тинејџерските години, кога сакала да дознае повеќе за својата биолошка семејна и медицинска историја.
Инфлуенсерката откри дека со текот на времето станала мета на навреди и говор на омраза на социјалните мрежи.
„Ми пишуваа дека сум копиле, дека треба да умрам, дека никој никогаш нема да ме сака и дека не знам што е мајчинска љубов. Тоа најмногу ја повреди мајката што ме израсна“, изјавила Теа.
Таа додава дека долго време била заштитена од такви напади, но кога навредите станале сè почести, решила јавно да ја раскаже својата приказна.
Зборувајќи за средбата со биолошката мајка, Теа вели дека причината била исклучиво практична – да добие информации за наследните заболувања и семејната медицинска историја.
Според неа, средбата била многу емотивна за биолошката мајка, но кај неа не предизвикала чувство на блискост.
„Таа плачеше и ме прегрнуваше, но јас немав таква емоција. Не чувствував дека припаѓам таму“, рекла инфлуенсерката.
На прашањето дали денес има контакт со биолошката мајка, Теа одговорила дека нема и дека тоа е заедничка одлука.
„Јас имам свои родители. Таа има свое семејство и свои деца. Секој продолжи по својот пат и мислам дека нема потреба да се нарушува ничиј живот“, изјавила таа.
Сепак, додава дека доколку во иднина нејзините биолошки браќа или сестри посакаат да стапат во контакт, нема да ја затвори вратата.
„Ако некогаш тие го посакаат тоа, јас сум отворена. Немам ништо против, но не сакам ништо да се случува на сила или неприродно“, заклучила Теа.










