Американскиот рапер Mystikal е осуден на 20 години затвор поради силување на жена во неговиот дом во американската сојузна држава Луизијана, ставајќи крај на судскиот процес што привлече големо внимание во јавноста.
Музичарот, чие вистинско име е Мајкл Лоренс Тајлер, во март годинава постигнал спогодба со обвинителството и ја признал вината за силување од трет степен. Со договорот била ограничена максималната затворска казна на 20 години, со што избегнал многу потешко обвинение кое можело да резултира со доживотен затвор.
Само неколку дена пред изрекувањето на пресудата, раперот се обидел да го повлече признанието, тврдејќи дека немал доволно време целосно да ги разгледа сите последици од договорот со обвинителството. Судот го одбил неговото барање и постапката продолжила според претходно постигнатата спогодба.
Жената која беше жртва во случајот сведочела пред судот и побарала најстрога можна казна. Таа изјавила дека била физички нападната во домот на раперот, по што била изложена на сериозно насилство.
За време на судското рочиште, според американските медиуми, Мистикал ѝ се обратил на жртвата со зборовите дека доколку навистина го сторил делото, ја заслужува максималната казна.
Раперот се наоѓал во притвор без право на кауција уште од неговото апсење во 2022 година, а изречената пресуда значи дека ќе остане зад решетки во наредните две децении.
Мистикал беше едно од најпознатите имиња на американската хип-хоп сцена во доцните 1990-ти и почетокот на 2000-тите години. Најголема популарност стекна со песната Shake Ya Ass, која му донесе и номинација за престижните Grammy Awards.
Ова не е првпат музичарот да се соочи со сериозни обвиненија. Во 2003 година тој призна вина во друг случај на сексуален напад и тогаш беше осуден на шест години затвор. Истата година доби и две номинации за Греми наградите благодарение на албумот Tarantula и хит-синглот Bouncin' Back (Bumpin' Me Against The Wall).
Со најновата пресуда, кариерата на некогашната рап ѕвезда повторно е во сенка на сериозни правни проблеми кои со години го следат неговото име.









