ПРВ.мк
Сцена

„Една грешка ми го смени животот“: Жената од скандалот на концертот на „Колдплеј“ проговори за хаосот што го доживеала!

„Една грешка ми го смени животот“: Жената од скандалот на концертот на „Колдплеј“ проговори за хаосот што го доживеала!

Жената која преку ноќ стана светски позната по снимката од „kiss cam“ камерата на концертот на „Колдплеј“, за првпат откри низ што поминала по интернет-скандалот кој ѝ го промени животот. Кристин Кабот призна дека направила грешка, но смета дека јавната реакција кон неа била премногу сурова и дека не заслужила да биде предмет на масовни напади.

Снимката која ја потресе јавноста беше направена во јули 2025 година за време на концерт од турнејата „Music of the Spheres“. Камерата ги прикажа Кабот и тогашниот извршен директор Енди Бајрон во близок момент меѓу публиката, по што видеото за кратко време се прошири низ социјалните мрежи.

Ситуацијата дополнително привлече внимание откако фронтменот на бендот, Крис Мартин, се пошегува со моментот пред илјадниците присутни.

„О, погледнете ги овие двајца. Или имаат афера или се само многу срамежливи“, изјави тој додека камерата ги снимаше. Кога двајцата се обиделе да се сокријат од објективот, пејачот додал дека можеби направиле нешто погрешно.

Набргу по концертот, јавноста дозна дека Енди Бајрон бил оженет директор на њујоршката технолошка компанија „Астрономер“, додека Кабот работела во одделот за човечки ресурси во истата компанија. Во тој период таа веќе била во процес на развод, а нејзиниот сопруг исто така бил присутен на концертот, но се наоѓал на друг дел од стадионот.

Една година по целиот настан, Кабот реши јавно да проговори за последиците што ги почувствувала. Во интервју за „The Boston Globe“ таа откри дека ја напуштила компанијата и дека сè уште нема ново работно место.

Мајката на две деца денес е посветена на помагање на луѓе кои се соочиле со интернет-насилство и со последиците од јавната изложеност. Таа соработува со непрофитната организација Pirth.org, која обезбедува поддршка за жртви на дигитална злоупотреба.

„Сè уште се обидувам повторно да се составам, но оди на подобро“, изјавила Кабот, додавајќи дека целиот случај оставил голема трага врз нејзиниот живот.

Таа призна дека по скандалот се повлекла во себе и дека не се препознавала, но верува дека постепено ќе успее да се врати на стариот начин на живот.

Од друга страна, Енди Бајрон никогаш јавно не го коментирал случајот. И тој ја напуштил компанијата „Астрономер“, а по скандалот бил забележан во јавност со својата сопруга, и покрај бројните шпекулации за нивниот брак. Кабот вели дека денес двајцата повеќе не се во контакт.

Во последниот период таа зборувала за искуството и во повеќе јавни настапи, меѓу кои и во поткастот на Опра Винфри, каде што ги опишала навредите и нападите со кои се соочила на интернет.

Кабот не го негира својот дел од одговорноста и вели дека е свесна дека донела погрешна одлука, но смета дека казната од јавноста била несразмерна.

„Преземам одговорност за лошата одлука што ја донесов тогаш и за неа платив незамисливо висока цена“, изјавила таа.

Таа дополнително нагласила дека една лична грешка не треба да биде причина некој да биде изложен на целосен јавен прогон.

„Направив лоша одлука. Не го негирам тоа и не се обидувам да се оправдам. Но мислам дека поради една грешка не заслужувате јавноста да ве распне“, порачала Кабот.

Најнови вести